Една од најмасовните акции за расчистување на диви депонии од утрово се спроведува на територијата на општина Кисела Вода. Во оваа голема еколошка акција вклучена е силна механизација составена од 11 скипови, 2 багери и 25 камиони со кои се расчистуваат повеќе од десет критични точки, извести Општината.

На терен интензивно работат сезонските работници ангажирани од Општина Кисела Вода. Во координација со екипите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“. Значајна поддршка дадоа и повеќе општествено одговорни компании кои ја отстапија својата механизација, велат од Општината.

„Денес спроведуваме една од најмасовните и најсериозните акции за расчистување на депониите во општина Кисела Вода. Утрово, започнавме со силна механизација, 11 скипови, 2 багери и 25 камиони се на терен и работат со полн капацитет.

Акцијата опфаќа над десет критични точки на нашата територија. Со нивното расчистување не само што го враќаме убавиот лик на општината, туку пред сè, преземаме конкретен чекор за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Отстрануваме огромни количини отпад кој ја загадува почвата и природата во Припор, во Драчево, кај Теферич, кај Охис, кај селото Аџево и на низа други локации. Овој голем потфат е резултат на заедничка работа. Покрај нашите општински сезонски работници и екипите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“, огромна благодарност упатувам и до општествено одговорните компании кои се вклучија и ја отстапија својата механизација.

Борбата за чиста животна средина е континуиран процес. Оваа масовна акција е огромен чекор напред кон враќање на редот во Кисела Вода, но за да ја задржиме хигиената, неопходна ни е поддршката од сите. Општината е тука, работи интензивно на терен, но само со заедничка грижа и одговорност ќе спречиме повторно создавање на овие грди слики. Продолжуваме посветено да работиме за почиста и поубава Кисела Вода“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Текстот (Фото) Кисела Вода: Една од најмасовните акции за чистење на депонии се спроведува денеска во Општината е превземен од МАКФАКС.























