Меѓуградски воз Прилеп-Битола ќе почне да функционира од јуни, а повратен билет ќе чини 150 денари. Новата врска меѓу овие два соседни града ја најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски. Тој денес добил ветување од градежниците дека првите километри од автопатот меѓу Прилеп и Битола ќе се возат веќе следната пролет, а делницата ќе биде целосно завршена до крајот на 2029 година.

„Ние сме свесни дека во овој момент е отежната комуникацијата меѓу Прилеп и Битола имајќи предвид дека за да се изгради нов автопат потребно е време, потребно е да извршат многу земјени активности. Сега се користи стариот пат кој што е со помал проток и за таа цел работиме со двете железнички претпријатија, Македонски железници – инфраструктура, само што зборував со директорот и Македонски железници – транспорт, некаде во месец јуни најдоцна да пуштиме меѓуградски воз кој што би оперирал на линија Прилеп – Битола – Жабени и на тој начин да можат оние кои што имаат дневна потреба меѓу овие два града, а и оние кои што работат во индустриската зона Жабени да го користат возот што би значело навреме да се стигнува, брзо да се стигнува, и да одиме со една промотивна цена, а тоа е 150 денари за повратна карта. Тоа е  убедливо најевтино нешто што може да се најде на пазарот имајќи превид дека некој повеќе би платил само за паркинг, да не зборувам за бензин и така натака доколку би користел возило“, рече министерот Николоски.

По денешниот увид на градежните работи за автопатот Прилеп – Битола, министерот кажа дека на регионот му се случува инфраструктурен бум и најави уште три проекти, обиколница во Прилеп која ќе го извади товарниот сообраќај надвор од градот, парно во Битола и гасификација.

Текстот Од јуни Прилеп и Битола ќе бидат поврзани со воз, 150 денари ќе чини повратен билет е превземен од МАКФАКС.