Општина Илинден започна со реализација на еден од клучните инфраструктурни приоритети, целосна реконструкција на локалниот пат што ги поврзува населените места Мршевци и Дељадровци. Станува збор за значаен и стратешки проект кој директно ќе придонесе за подобрување на патната инфраструктура и квалитетот на живот на граѓаните.

Увид на почетокот на градежните активности направи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека оваа инвестиција претставува проект од исклучителна важност за локалното население, како и дека реконструкцијата ќе обезбеди побезбедно, побрзо и поефикасно одвивање на сообраќајот и значително ќе ја подобри поврзаноста меѓу населените места, извести општина Илинден.

Проектот опфаќа целосна обнова на патот во должина од околу 1.800 метри, проширување на постоечкиот коловоз и изградба на тротоар со широчина од 1,5 метри во населените делови долж кои се протега делницата. Овој проект претставува уште еден важен чекор кон градењето модерна и функционална општина, и истиот ќе придонесе за унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Со ваквите капитални инвестиции и исклучително важни инфраструктурни проекти, Општина Илинден јасно ја потврдува својата посветеност кон рамномерен локален развој и континуирано подобрување на условите за живот во сите населени места, се додава во соопштението на Општината.

Текстот Општина Илинден започна со реконструкција на локалниот пат Мршевци-Дељадровци е превземен од МАКФАКС.