Од утре се отвораат операционите сали во прилепската болница и продолжуваат со оперативната програма. Одлуката ја донесе Комисијата за интрахоспитални инфекции при болницата.
Оттаму информираат дека добиле негативни наоди од 150-те земени примероци од салите и персоналот, но со корекција на одредени состојби.
Врз основа на добиените негативни наоди од Институтот за јавно здравје на Република Македонија, Комисијата за спречување на интрахоспитални инфекции донесе одлука од утре, 28 февруари 2023 година болничките одделенија во Општата болница со проширена дејност од Прилеп да продолжат со оперативните програми притоа почитувајќи ги принципите за асепса, дезинфекција и стерилизација, стои во одлуката на Комисијата.
Салите беа затворени пред 10-тина дена по случајот со прилепската пациентка, на која по зафат во гинеколошкото одделение ѝ се искомплицира состојбата и почина на скопските клиники. Инспекторатот направи вонреден надѕор и ја задолжи болницата да врши месечен бактериолошки мониторинг и будно да се следи состојбата со интрахоспитални инфекции.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат со решение ја задолжи прилепската болница да врши месечен, наместо квартален бактериолошки мониторинг во одделите со висок ризик. Да назначи овластен лекар за координација на работата на комисијата, следење на состојбата со интрахоспитални инфекции, контрола на спроведување на мерките од Програмата за Интрахоспитални инфекции и следење на резистенција на одредени причинители на заразни болести, информираше деновиве Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Прилепското обвинителство има отворено предмет за лекувањето на тројца пациенти, а сѐ уште се чека на резултатите од обдукцијата на прилепската пациентка. ем/цр
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.