Пишува: Ана Василевска

Одлуката за формирање на НУ Оркестар на џез музика на РСМ е можеби најдобриот потег направен во менаџирање на културата во времето на овој владин состав. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ќе биде запаметена како челник на овој ресор што донел прогресивно решение, разумна новина, радост за културната мапа на државата. Но, секогаш кај нас мора да постои едно „но“?!

Нејзините очекувања дека оваа новоформирана институција ќе биде сместена во објектот на Филхармонија како најсродна на дејноста, беше дочекана како во скечот на Монти Пајтон : Тигар во Африка?

Идејата наиде на отпор кај колегите на џезерите, истите оние со кои на истата сцена, веќе седум години „прават партал“ на концертите за кои се бара билет повеќе. И сега нештата се компликуваат, се одолговлекуваат со што секако се отстапува простор „проблемот“ да добива нови димензии, конструкции, и вака демократски да биде изложен на удар на сите „засегнати“. Секако нема да биде поштеден и од идеолошко-партиски игри, потреба за докажување, премерување, преземање и се што е наш веќе „заштитен фолклор“.

Кога ќе се сумираат аргументите на противниците, се сведува на тоа дека членовите на Здружението на џез музичари-Биг Бенд, според нивните колеги се привилегирани доколку бидат вдомени кај нив, и треба исто така како и Филхармонијата што со години беше бездомна, да бидат номади и кираџии во најразлични полуопремени и неопремени студија, за да „станат заслужни“ да подготвуваат концерти во достоинствени услови.

Ова ме потсети кога сакав да добијам похумани услови за породување во државна болница, ама наидов на циничен потсмев од искусните родилки со ставот „како ние сме се пораѓале, така и ти“.

Мора да се разграничи фактот дека тоа што ЗЏМ сега добива статус на институција, не значи дека неговите членови се „вчерашни“. Станува збор за музичари од светски ранг што својата денешна виртуозност ја стекнаа низ повеќе од две децении настапи и во мали клубови, па во разно- разни биртии, ја создадоа џез сцената во некогаш популарните скопски џез клубови, свиреа на улица, во парк, а под диригентство на Џијан Емин и неговите храбри аранжмани и соработки како онаа со Дерик Меј, направија исчекор и воопшто нов имиџ на Македонската Филхармонија.

Дали апсолутните слухисти од Филхармонијата одеднаш станаа осетливи на некои други „звуци“ и се чувствуваат загрозени од дваесетина свои колеги па стануваат кочничар на оваа благородна идеја, која во фузија со нив може утре да изроди и високопрофесионална нова Академија за џез, па кај нас, наместо на Беркли да се раѓаат новите светски звезди, зошто да не?

Потребна е широчина и длабочина за впечатоци што се влог и визија во иднината, логична последица и благородно искористување на минатиот труд и кретивниот капитал, наспроти тесноградото административно размислување. И ова важи за сите дејности во општеството кое од вакви или слични блокади не успева да исплива од застоената вода.

Можеби до некаде се разбирливи и стравувањата на оние кои веќе се дел од некоја институција па сметаат дека нивната егзистенција може да биде загрозена, но големината на уметниците пред се е во надминување на овој „егоизам“. Актуелни се и протестите за повисоки плати на вработените во Министерството за култура па во сета оваа атмосфера на економско незадоволство, можно е нештата да се толкуваат на поинаков начин, а несигурноста и стравот да бидат јаболко на раздорот.

Полемиките на проблемот на џезерите ќе продолжат деновиве и сите страни ќе ги изложат своите ставови, сепак одлуката на Костадиновска-Стојчевска ќе треба да биде конечна. Дали нејзините првични очекувања „ колегите од двата оркестри да покажат меѓусебно разбирање во оваа првична фаза за новата установа која со својата дејност веќе ја збогатува македонската музичка култура, до конечното решение за нејзините потреби во делот на непречено административно и концертно дејствување.“ ќе бидат исполнети?

Оваа „расштимана симфонија“ што ја следиме деновиве нанесува штета и врз имиџот на музичарите во јавноста и врз публиката која трпеливо е градена со години. Можеби со музичкиот јазик кој е есперанто за сите засегнати ќе успеат да се разберат и час поскоро да бидеме сведоци на уште еден спектакуларен концерт на џезерите и филхармоничарите.

Текстот е личен став на Авторот.