Безбедноста и стабилноста на регионот, глобалната сигурност и актуелни случувања во Украина и на Блискиот Исток, беа главни теми на вечерашната средба на претседателот на техничката Влада, Талат Џафери со заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана во седиштето на Алијансата во Брисел.

На средбата, која е прва во рамки на неговата работна посета на Брисел, Џафери ја потенцира посветеноста на Северна Македонија во одржувањето на стабилноста и безбедноста во Евроатлантската област, не само како фактор на стабилност на Западен Балкан, туку и со активното учество во мисиите на НАТО во Косово и Ирак и на ЕУ во Босна и Херцеговина и во борбените групи на Алијансата во Летонија, Романија и Бугарија.

На средбата беше потенцирано дека согласно заложбата за инвестиции во одбраната и одлуката од Самитот на НАТО во Вилнус, Северна Македонија од оваа година за потребите на одбраната издвојува средства на ниво од два отсто од својот БДП, од кои 30 проценти се наменети за модернизација на Армијата. Со ова земјата е меѓу оние членки на НАТО кои ја достигнаа заложбата за издвојување на сума во износ од најмалку два отсто од БДП за потребите на одбраната, што е основа за ефективна имплементација на најробусниот план за одбрана на Алијансата.

Дополнително, Северна Македонија, како што се наведува во владиното соопштение, продолжува со силна поддршка на Украина и на украинскиот народ во борбата за слобода и мир против ужасите кои руската агресија се уште ги предизвикува на територијата во државата.

На средбата се разговараше и за претстојната 75-годишнина од формирањето на Алијансата, во годината која донесе најголем предизвик од нејзиното основање – НАТО се прошири за уште една членка (Финска), а наскоро и со уште една (Шведска), правејќи го пообединет и посилен од кога било.

Имајќи ги предвид изборите во многу земји во текот на оваа година, на кои одлучуваат над два милијарди граѓани ширум светот, вклучително и во Северна Македонија, на средбата се разговараше и за предизвиците што претстојат во изборниот период, заради кои фокусот се става на јакнење во справувањето со хибридните закани, дезинформациите и кибер безбедноста.

Џафери на средбата беше придружуван од првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Работната посета на Брисел, Џафери ја продолжува утре со средби со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со европратеници од редовите на проевропските политички групации.