Специјалниот обвинител Роберт Хур ги испрашал клучните соработници на американскиот претседател Џо Бајден, вклучително и советникот за национална безбедност Џејк Саливан, како и поранешниот шеф на кабинет на Белата куќа, Рон Клајн, во предметот во кој се истражува начинот на кој претседателот постапувал со доверливи документи, јави весникот„Њујорк тајмс“.

Весникот наведува дека за тоа како владините документи биле чувани во канцеларијата на тинк-тенкот, што бил формиран за Бајден по завршување на должноста потпретседател на САД, и во неговиот дом во Делавер, во постапката се испрашани и функционерите кои работеле со него на крајот од неговиот потпретседателски мандат и сега.

Покрај Саливан и Клајн, обвинителот разговарал и со Стив Ричети, главен помошник во Белата куќа, државниот секретар Ентони Блинкен и Мајкл Карпентер, поранешен извршен директор на Центарот „Пен Бајден“, каде што биле пронајдени некои од документите, се додава во написот кој цитира лица запознаени со случајот.

За разговорот со Блинкен претходно неделава информираше Еј-би-си њуз.

Американскиот обвинител Мерик Гарланд во јануари го назначи Хур за специјален обвинител да го испита несоодветното складирање на доверливи документи во домот и канцеларијата на демократот Бајден.

Пошироката истрага за ракувањето со доверливи документи е насочена и кон главниот потенцијален ривал на Бајден на изборите во 2024 година, поранешниот претседател Доналд Трамп, кој е обвинет во друг случај.

Републиканецот Трамп, исто така, се соочува со три одделни обвиненија поврзани со тајни плаќања, наводно, направени на порноѕвезда и со обиди да се поништи исходот од изборите во 2020 година.

Републиканците кои водат истрагата за импичмент против Бајден вчера, на првото сослушување, ги детализираа странските исплати на членовите на неговото семејство, но не дадоа докази дека демократскиот претседател лично имал корист.