Откако синоќа се појавија информации дека преговорите меѓу Усман Дембеле и раководството на Барселона за нов договор пропаднаа, ситуацијата на „Камп Ноу“ би можел да ја искористи Њукасл, кој наводно има подготвено астрономска понуда за Французинот.

Агентот на Дембеле од Барса побарал бруто плата од 40 милиони на годишно ниво (околу 20 милиони нето) и 20 милиони за останување во клубот, додека од друга страна, Каталонците му нудеа намалување на актуелната плата, пред се поради проблемите со финансискиот фер-плеј и поради потребата да се регистрираат нови засилувања. Сепак, менаџерот на Дембеле не сака да чуе за помала понуда од таа што ја изнеле, истакнувајќи дека Дембеле е иднината на клубот и дека заслужува поголема плата, а со ова и прави сериозни проблеми на Барса, која покрај тоа што може да го загуби бесплатно на крајот од сезоната кога му истекува договорот, ќе има проблеми да регистрира и нови играчи, бидејќи се надеваа дека тој ќе прифати помала плата и со тоа ќе се ослободи простор во буџетот.

Како и да е, со оглед на тоа дека ситуацијата е неизвесна и по се изгледа ќе заврши со разделба, Дембеле е интересен за голем број клубови. Најголемиот интерес доаѓа од Англија, каде го следат Манчестер Јунајтед и Њукасл.

Њукасл нема проблеми да ги исполни условите на Французинот, а клубот со најбогатите сопственици на светот уште од претходно се споменуваше дека е заинтересиран за Дембеле. Со оглед на тоа дека има сериозни проблеми со повредите, а и покрај тоа во Барса добиваше сериозна поддршка, како приватно, така и јавно, Дембеле платата која ја бара во моментов може да ја добие само во Њукасл, па „Чавките“ се главни фаворити за неговиот потпис.