Американскиот НФЛ играч Хенри Рагс предизвика фатална сообраќајна несреќа во вторникот рано наутро по американско време, што подоцна доведе до негов отказ од страна на Лас Вегас Рајдерс во НФЛ. Според судот, Рагс бил под дејство на алкохол, а пред несреќата возел со 251 км/ч, пренесува француската новинска агенција АФП.

На Рагс му се заканува долга затворска казна за возење под дејство на алкохол и предизвикување несреќа во која животот го загуби 23-годишна жена. Во несреќата тешко е повреден и сопатникот на Рагс.

Американскиот фудбалер по несреќата мораше да оди и во болница, а денеска беше пуштен од притвор, каде беше приведен, а подоцна и сослушан на првото судско рочиште.

Обвинителството денеска објави податоци од камери покрај патот и податоци од автомобил кои покажуваат дека Рагс возел со 251 км/ч две секунди пред несреќата, а откако му биле активирани воздушните перничиња во возилото, брзината била и понатаму околу 200 км/ч, пишува АФП.

Во исто време, обвинителите соопштија дека нивото на алкохол во крвта на 22-годишниот спортист било двојно повеќе од дозволената граница. Инспекторите на несреќата во возилото пронашле и наполнет пиштол.

На Рагс му се заканува и максимална казна од 20 години затвор доколку биде осуден според законот во Невада за возење под дејство на алкохол и нанесување тешки телесни повреди или смрт.

22-годишниот „фаќач“ платил кауција од 150.000 долари набргу по сослушувањето.

Рагс беше избрани од Рајдерс како 12-ти во НФЛ-ростерот во 2020 година, а оваа сезона тој беше еден од клучните луѓе на тимот од Лас Вегас во нападот.