Шпанскиот Врховен суд го повика Пуџдемон да сведочи во истрагата за „тероризам“

Врховниот суд на Шпанија денеска го повика пребегнатиот поранешен претседател на регионалната влада на Каталонија, Карлес Пуџдемон, да биде сведок на одбраната во случајот за наводен тероризам за време на протестите поврзани со неуспешниот референдум за независност на Каталонија во 2017 година.

Пуџдемон и членот на каталонскиот регионален Парламент, Рубен Вагенсберг, се поканети доброволно да сведочат преку видеоконференциска врска од нивните резиденции надвор од Шпанија, на сослушувањето закажано во периодот од 17 до 21 јуни.

Шпанскиот Врховен суд отвори истрага против Пуџдемон и Вагенсберг „за злосторства на тероризам“ поврзани со тајната група наречена Демократско цунами, која организираше протести против затворањето на неколку каталонски сепаратистички лидери вклучени во нелегалниот референдум за независност на регионот во 2017 година, пренесува МИА. За време на протестите, илјадници демонстранти го блокираа пристапот до аеродромот во Барселона, што предизвика откажување на голем број летови. По неуспехот на референдумот и последователните протести, Пуџдемон побегна во Белгија, бидејќи Шпанија издаде потерница по него под обвинение за злоупотреба на јавни средства.

Левичарската Влада на Санчез минатиот месец го усвои контроверзниот закон за амнестија, со кој стотици приврзаници на каталонската независност добија дозвола да се вратат во политичкиот живот во земјата.

Претходно, Пуџдемон најави дека ќе биде кандидат на предвремените регионални избори во Каталонија, што ќе се одржат на 12 мај и дека ќе се врати во Шпанија, доколку има шанса да стане претседател на регионалната Влада. Тој продолжи да биде политички активен во егзил, во 2019 година беше избран за пратеник во Европскиот парламент и сè уште е лидер на партијата Заедно.

Вагенсберг побегна во Швајцарија откако беше поведена истрага против него на почетокот од оваа година.