Академија Пандев убедливо го совлада Работнички на Националната арена со 0-3. Фуриозен старт имаше тимот на Александар Васоски, погоди Ване Крстевски во седмата минута по одбиената топка откако Ристе Јанков едвај го скроти слободниот удар на Мартинага.

Само четири минути подоцна, Маронг одлично го проигра Мартин Мирчевски кој излезе сам пред голманот Јанков и ја погоди мрежата. Во последните мигови од првиот дел, беше досуден пенал за гостите, а успешен реализатор беше повторно Мартин Мирчевски во 45.минута.

Струга Трим Лум ја прекина серијата без триумф и минимално го совлада Пелистер во Битола со голот на Христијан Малески во 27.минута.

Милан Џокиќ донесе победа (2-1) за Брегалница на домашен терен против Скопје. Тој погоди во 91.минута за триумф. Претходно, штипјани дојдоа во водство во 45.минута со голот на Мартин Стојанов, а израмни Ален Јашароски од пенал во 74.минута.

Тиквеш го совлада Борец во Кавадарци со 2-1. Енсар Љума обезбеди предност за велешани во 25.минута, но израмни Иван Ивановски од пенал во 41.минута. Симеон Христов се погрижи за пресврт на самиот почеток од второто полувреме, погодувајќи во 47.минута од дуелот.

Актуелниот првак Шкендија успеа да го добие градското дерби со Ренова славејќи со 0-1 и се искачи на четвртото место на табелата во Првата лига. Синдрит Гури не реализира пенал, но затоа успеа да го постигне победничкиот погодок во 23.минута. Ренова од десеттата минута играше со фудбалер помалку на дербито поради исклучувањето на Џелил Абдула.

Шкупи загуби со 2-1 на гости против Македонија ЃП во Ѓорче Петров. Ермедин Адем од пенал донесе водство за „лавовите“ во 65.минута, но Шкупи одговори преку Марко Ѓорѓиевски и израмни во 71.минута. Сепак, ѓорчепетровци дојдоа до голем триумф со голот на Кристијан Филиповски во 92. минута.

ТАБЕЛА: Шкупи 29, А. Пандев 25, Ренова 22, Брегалница 22, Шкендија 21, Струга ТЛ 19, Работнички 18, Македонија ЃП 17, Скопје 16, Тиквеш 10, Борец 8, Пелистер 4.