Шест тинејџери се полесно повредени во пукање по прославата на американскиот празник „Јунинати“ во Милвоки, во американската сојузна држава Висконсин, соопшти полицијата.

Оттаму додаваат дека вчера имале акција во близина на паркот Роуз, откако четири девојчиња и две момчиња на возраст меѓу 14 и 19 години биле повредени во пукање, но животите не им се загрозени, објави Си-Ен-Ен.

Шефот на полицијата во Милвоки, Џефри Норман, изјави дека верува оти пукањето произлегло од расправија меѓу тинејџери. Се претпоставува дека меѓу застреланите е и 17-годишен тинејџер кој го предизвикал конфликтот.

„Милвоки, што се случува со нашите деца? Родители, старатели, возрасни, мораме да дадеме се од себе да го спречиме ова насилство што нашите деца го носат на овие улици. Ниту еден пиштол, ниту оружје не треба да биде во рацете на нашата младина“, рече Норман на прес-конференција.

Тој додаде дека тоа е приказна која „се случува премногу често“, алудирајќи на постојаните пукања низ американските улици.

Полицијата соопшти дека ја продолжува истрагата за инцидентот.

Градоначалникот Кавалиер Џонсон изјави дека во моментот на инцидентот имало илјадници луѓе во областа.

„Јунинати“ е федерален празник во САД, во знак на сеќавање на еманципацијата на поробените црнци. Ја одбележува годишнината од прогласувањето слобода за сите робови во Тексас на 19 јуни 1865 година.