Истражувачка ракета, лансирана во понеделникот од страна на Шведската вселенска корпорација (ССЦ) од вселенскиот центар Есранџ во северна Шведска, паднала на територијата на Норвешка.

„Ракетата поради дефект е падната на 15 километри во соседна Норвешка. Ракетата достигна висина од 250 километри, каде што се спроведуваат експерименти во нулта гравитација. Потоа е падната во планините на надморска височина од 1 000 метри и на 10 километри од најблиската населба“, изјави за Ројтерс, Филип Олсон, шеф за комуникации во ССЦ.

Тој додава дека според процедурите кога нешто ќе тргне наопаку се известуваат шведската и норвешката влада.

Истрагата е во тек, нема повредени, а не е пријавена ниту материјална штета.

„Се уште е рано да се шпекулира за причината и очекуваме повеќе информации од тековната истрага“, велат од ССЦ.

Шведската вселенска корпорација (SSC), која го поседува и раководи центарот, се извини за настанот.

Прикажи повеќе