Членовите на семејствата на заложниците на масовниот протест на кој се бара оставка од Нетанјаху

Илјадници демонстранти, меѓу кои и семејствата на заложниците, се собраа во неделата пред израелскиот парламент, Кнесетот, носејќи знамиња и транспаренти со барање за ослободување на заложниците држени во Газа и оставка на Нетанјаху.

Поранешниот израелски премиер Јаир Лапид, актуелен лидер на опозицијата, ја повика владата да обрне внимание на тековните демонстрации и на барањата на демонстрантите, пренесува Си-ен-ен.

„Овде во толпата се семејства на заложници. Тие стоеја пред Кирија (штабот на израелските одбранбени сили во Тел Авив), врескаа со своите души и никој не слушна. Мавтаа со транспаренти и никој не ги виде. Израелската влада ги игнорира нивните постоење“, рече Лапид додека беше на митингот пред Кнесетот во Ерусалим во неделата.

Дани Елгарат, брат на еден од заложниците, Иџак Елгарат, исто така го повика Нетанјаху да ја напушти функцијата.

„Биби, ова е крајот на матни зделки, крај на корупцијата“, рече Елгарат, користејќи прекар по кој премиерот е надалеку познат во Израел. “Биби, ова е крајот на играњето игри со нас. 177 дена! Биби – ова е крајот!”
„Донесете ги сите дома сега. Без враќање на заложниците, Израел нема оправдување да постои“, пишува на еден од транспарентите.

Израелската полиција во соопштение рече дека „голем број пиротехнички предмети, вклучително и димни бомби, биле поставени во близина на демонстрантите“ и дека едно лице е уапсено под сомнение дека е вмешано.

Одделно, семејството на израелска жена војник држена како заложник во Газа рече дека „нема добра вест“ откако излезе од нивната средба со Нетанјаху во неделата.

„По шест месеци, се надевавме и очекувавме да добиеме добри вести како што напредуваа преговорите“, рече таткото на 19-годишниот заробен војник Наама Леви во интервју за радиото на израелската армија. „Не добивме таква вест. Напротив, вознемирени сме што преговорите напредуваат бавно.“

Демонстрантите во неделата втор ден се собраа во Израел за да побараат оставка на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Додека се одржуваше протестот прд Кнесетот со барање за ослободување на заложниците држени во Газа и оставка на Нетанјаху, израелскиот премиер на прес-конференција пред медицинската процедура во неделата вечерта,  рече дека израелските сили убиле повеќе од 200 луѓе кои тој ги опиша како милитанти во болницата Ал-Шифа во Газа. Израелската војска даде слични тврдења за тековната рација во медицинската установа. Тој, исто така, ја повтори својата посветеност за инвазија на јужниот град Рафах, велејќи дека е неопходно да се победи Хамас.

Неделните протести го одбележуваат вториот ден од масовните антивладини протести овој викенд. Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Тел Авив, Ерусалим, Цезареја, Раанана и Херцлија во саботата. Според израелската полиција, уапсени се најмалку 16 лица.

Драган Мишев