За утре во 13 часот е закажана промоцијата на Чави Ернандес во нов тренер на Барселона, на местото на Роналд Куман кој ја водеше екипата до пред две недели.

Се очекува тој веднаш да се запознае со дел од тимот, но со оглед на тоа каква е ситуацијата во каталонскиот гигант, се чини дека работата на Чави е очајно тешка. Веднаш по преземањето на екипата, тој ќе се соочи со низа проблеми: 11 фудбалери не се во тренажен процес поради повреди, претстојните десетина дена ќе ндостасуваат уште неколку играчи поради репрезентативни обврски, тој не ги направи претсезонските подготовки, а ја презема екипата на деветтата позиција со десет бода негатива во однос на Реал.

Покрај сето ова, постои можност Барса да не ја помине групата во Лигата на шампионите, но и ако ја помине, тешко дека постои можност да дотурка далеку. Има големи шанси „каталонците“ да не играат во елитното европско натпреварување и идната сезона што ќе биде дополнителен силен удар врз финансиската состојба во клубот. На сето ова треба да се додаде лошата одбрана, слабата ефикасност, губитничкиот менталитет, недостаток на лидер на теренот, како и ѕвезда во екипата од тимот на Меси, Роналдињо, па и самиот Чави кога беше фудбалер.

Ако Чави успее да го надмине сето ова, слободно може да го добие епитетот магионичар бидејќи во вакви услови ниеден тренер во светот не би се согласил да преземе екипа.