ЦИВИЛ ги осудува руската агресија и ракетниот терор против Украина и бара глобална поддршка за претседателот Зеленски и украинскиот народ

Како организација посветена на човековите права и слободи, ЦИВИЛ јасно, недвосмислено и најостро го осудува чинот на агресија и ракетниот ракетен терор кој го спроведуваат руските сили врз цивилното население во Украина. Ја изразуваме нашата непоколеблива солидарност со претседателот Зеленски и храбрата украинска нација во овие тешки времиња.

Ракетните напади претставуваат сериозна закана за безбедноста и благосостојбата на невините цивили, поради што ЦИВИЛ повикува на итен прекин на овој ракетен терор кој заслужува крајна осуда. Оваа неиспровоцирана агресија бара внимание и обединети напори на меѓународната заедница за брз крај на руската агресија против мирната и суверена украинска нација.

ЦИВИЛ ја препознава критичната потреба за засилена поддршка на Украина и во економска и во воена смисла. Апелираме до глобалната јавност, домашните и меѓународните институции и влади и сите релевантни чинители – да ја интензивираат својата помош за Украина. Конкретно, ја нагласуваме итноста за обезбедување на основни ресурси како што се муниција и напредни системи за противвоздушна одбрана за зајакнување на способноста на Украина да се брани од руската агресија.

Понатаму, ЦИВИЛ ја нагласува важноста на финансиската помош за да се обезбеди основно функционирање на Украина, која ја издржа суровата реалност на целосната геноцидна воена инвазија во последните неполни две години. Економската стабилност и благосостојбата на украинскиот народ зависи од итната помош за да се ублажат последици од овој продолжен разурнувачки конфликт.

Како организација поборник за човекови права, ЦИВИЛ ја повикува меѓународната заедница да ги збијат редовите зад Украина во нејзината потрага по слобода, мир, стабилност и заштита на нејзините граѓани. Ние, како организација, стоиме цврсто во нашата посветеност да ги браниме принципите на правда, еднаквост и правото да живееме ослободен од насилство и угнетување.

Сега, повеќе од кога било, од клучно значење е светот да се обедини за да ги осуди актите на агресија и да работи колективно кон трајно решение кое го почитува суверенитетот и достоинството на украинскиот народ. ЦИВИЛ останува решителен во својата мисија да ги поддржува човековите права и да промовира свет во кој владеат мирот и правдата.

ЦИВИЛ