Националното Здружение на пациенти со механичка потпора на работата на срцето и нивни поддржувачи „Храбро срце“ изрази благодарност до семејството на починатиот пациент, чии органи ќе спасат четири животи и до медицинскиот персонал, но упати и апел за логистичка поддршка од државата.

Првпат во историјата на македонското здравство денеска од еден дарител беа експлантирани четири органи во еден акт. Еден пациент доби ново срце, друг црн дроб, а кај двајца треба да бидат трансплатирани бубрези.

Васко Јолески, претседател на Здружението и пациент со механичка потпора на срце уште еднаш упати апел до Владата за овозможување транспорт на тим за трансплантација од странство за брзо пристигнување во моментот кога ќе има достапен донор.

– Апелираме што поскоро да се стави во функција владиниот авион, доколку е потребно да се донесе медицински експерт за поддршка од странство, за трансплантација кај пациент со механичка поддршка. Досега во нашата држава нема направено трансплантација на пациент со механичка потпора и првите две-три би било добро да се со поддршка од нивни колеги од регионот со кои веќе соработуваат, изјави Јолески за МИА.

Пациентите од „Храбро срце“, нагласи, не ја губат надежта дека во скоро време, по долги години чекање, и тие ќе добијат втора шанса за живот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.