На 80-годишна возраст, почина поранешниот претседател на Палермо, Маурицио Ѕампарини.

На почетокот од минатата недела Ѕвампарини со влошена здравствена состојба бил пренесен во болница, а минатата ноќ починал.

Ѕампарини беше претседател на Венеција и Палермо, но најмногу се прослави со сицилијанскиот клуб.

Крајот на неговото владеење во Палермо го фати и Илија Несторовски, а во ерата на Ѕампарини играа и фудбалери кои станаа големи ѕвезди како што се Андреа Барзаљи, Лука Тони, Пауло Дибала и Единсон Кавани.

Илија Несторовски со пост на социјалните мрежи се прости од Ѕампарини.

„Почитуван претседателе, во Италија ме пречекавте со голема љубов и вашата почит ме направи горд. За жал, ја немав таа среќа да бидам дел од твоите златни години, но тоа што те запознав во најтешкиот период ме натера подобро да го запознаам големиот човек како што си ти, силен и со огромно срце. Сега почивај во мир со твојот Армандино“, напиша Несторовски.