Европската Унија оценува дека е голема победа масовната излезност на изборите во Турција. Според претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен Турција е значаен партнер и со внимание се очекуваат резултатите од вториот круг на изборите.

„Огромната излезност на овие избори е многу добра вест. Добра е зашто е јасен сигнал дека турскиот народ се посветени на практикување на нивното демократско право, да излезат и да гласаат и ги вреднуваат демократските институти. Ова е големата победа од вчера. Сега изборите се уште траат и ќе видиме што ќе донесе вториот круг“, рече Фон дер Лајен.

Првична реакција пристигна и од американскиот претседател Џо Бајден. Претходно дел од владејачката турска коалиција околу Ердоган обвини дека кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу соработува со Западот. Бајден на прашањето како го коментира фактот дека државните медиуми прогласија победа за Ердоган, а опозицијата вели дека тие извојувале победа, американскиот претседател кусо одговори:

„Звучи познато, нели? Видете, само се надевам дека ќе има победник… Има голем број проблеми во тој дел од светот и без ова да се случува“, рече Бајден.

Од таборот на Киличдароглу за време на кампањата, пак, обвинија дека постои руско влијание врз изборниот процес во корист на Ердоган. Од Кремљ денеска истакнаа дека со Турција очекуваат задлабочување на односите во иднина.

„Турција е зрела демократија, цврста и суверена земја, која секако, може да спроведе транспарентни демократски избори и да превенира незаконски активности. Во тоа не се сомневаме“, рече Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.

Инаку, на вчерашните избори право на глас имаа над 65 милиони граѓани, од кои 3,4 милиони во дијаспората. Според последните нецелосни податоци, во Македонија победник е кандидатот на опозицијата, Кемал Киличдароглу со 52,84% наспроти Реџеп Таип Ердоган со поддршка од 35,8% од гласачите. Во земјите во регионот, кандидатот на опозицијата победи и во Албанија, Србија, Грција и Бугарија, а Ердоган повеќе гласови имаше само во Косово и во Босна и Херцеговина.

Лука Андреев