Украинско разузнавање: Запален руски ракетен брод во близина на Калининград

Рускиот ракетен брод Серпухов, кој беше закотвен во ексклавата Калининград на Балтичкото Море, беше запален на 8 април, тврдат извори од военото разузнавање на Украина.

Во објавата на Телеграм, агенцијата рече дека пожарот го „онеспособи“ бродот и дека „неговите средства за комуникација и автоматизација се „целосно уништени.“ Военото разузнавање исто така сподели видео на кое се чини дека се гледа како избувнува пожар на бродот.

Извор од военото разузнавање на Украина потврдил за Кијив Индипендент дека зад пожарот стојат нејзини оперативци. Тоа беше прв таков напад врз руски поморски средства во Балтичкото Море.

Во последниве месеци, Украина ги интензивираше своите напади врз цели на руската Црноморска флота во окупираниот Крим, успешно таргетирајќи неколку бродови и принудувајќи некои руски бродови да се прераспоредат во побезбедни води.

Дмитро Плетенчук, портпарол на морнарицата на Украина, на 30 март рече дека како резултат на нападите, руската морнарица ги повлекла речиси сите свои главни бродови од пристаништата на окупираниот Крим.

Според веб-страницата на руската морнарица, Серпухов е ракетна корвета Бујан-М и е долга 74 метри (242 стапки) и содржи различни системи за оружје.

Ќе биде тешко да се поправи рускиот ракетен брод Серпухов под притисок на санкциите, изјави на 9 април Дмитро Плетенчук, портпарол на морнарицата на Украина.

„Ако се работи за комуникации, системи за автоматизација, тогаш бродот бара поправки. Кога се градеа такви бродови, не беше тајна дека, исто како и во авионите, имаше малку руски (делови) во нив, освен кабли, метал и екипаж. “, рече Плетенчук на националната телевизија.

Андриј Јусов, портпарол на украинската воена разузнавачка агенција, рече дека Серпухов плови, но „ќе треба долго време“ за да се поправи оштетената модерна опрема.

„Русија веројатно планираше да го премести (бродот) во Црното Море, имајќи ги предвид загубите на Црноморската флота“, изјави Јусов за Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ) на 9 април.

Руските власти претходно на 8 април објавија дека рускиот брод за ледена навигација Катерина Великаја се запалил додека бил на поправка во бродоградилиштето Далзавод во далечниот источен град Владивосток. Едно лице загина, а три други се повредени, соопштија руските власти, додавајќи дека околностите на пожарот се под истрага.

Како што објави предходно ЦИВИЛ Медиа, според портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук, за време на двегодишната војна Украина потопи или онеспособи третина од руската воена бродска флота во Црното Море.

Драган Мишев