Украинското обвинителство истражува егзекуции на 54 украински заробеници од страна на Русија

Најмалку 54 украински воени заробеници (ПОВ) се егзекутирани од руски војници, изјави на 9 април шефот на Одделот за воени злосторства при Генералното обвинителство на Украина, Јуриј Белоусов.

Во тек се вкупно 27 кривични истраги за егзекуциите, изјави Белоусов на националната телевизија. Веројатно, некои од овие истраги се однесуваат на групни егзекуции, пренесува Кијив индипендент.

Неодамна имаше голем број извештаи за руски војници кои убиваат украински заробеници во зафатените делови на областите Запорижја и Донецк.

Обвинителството на 7 април отвори истрага за видео на кое наводно се гледа како руските војници пукаат во тројца заробени и невооружени украински војници во Херсонската област.

Белоусов потврди дека тие биле егзекутирани во близина на Кринки, село на претежно окупираниот дел од Херсонската област источно од реката Днипро.

Обвинителите ја истражуваат вмешаноста на руската команда, „која е одговорна и за таквите дејствија“, рече Белоусов.

„Зборуваме не само за команданти на единиците, туку и за највисокото воено и политичко раководство. Бидејќи ова не е единствен случај, туку доказ за руската политика“, додаде Белоусов.

Од 18 март, Украина собрала докази за над 128.000 жртви на воени злосторства, според Вероника Плотникова, шеф на Координативниот центар за поддршка на жртвите и сведоците на Канцеларијата на јавниот обвинител.

Како што објави предходно ЦИВИЛ Медиа, според извештајот на Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ОХХР) од 26 март, најмалку 32 украински воени затвореници (заробеници), неодамна заробени од Русија, се егзекутирани помеѓу 1 декември 2023 година и 29 февруари.

Извештаите за мачење или убивање на украински заробеници додека биле во руско заробеништво се појавуваат уште од почетокот на руската војна против Украина. Од крајот на февруари, Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека се водат 19 кривични истраги во врска со егзекуцијата на 45 украински заробеници. ОХХР соопшти и дека регистрирала 12 случаи на егзекуции на најмалку 32 заробени украински заробеници во текот на зимата, што значи дека некои од нив веројатно биле убиени во групи.

Драган Мишев