Украинската влада побара од Врховната Рада да го раскине договорот за слободна трговија со Белорусија

Владиниот претставник во украинската Врховна Рада, Тарас Мелничук, денеска изјави дека украинската Влада му предложила на Парламентот да го раскине договорот за слободна трговија со Белорусија поради нејзината поддршка за руската инвазија.

Предлогот за раскинување на договорот беше претставен „поради вмешаноста на Република Белорусија во незаконска употреба на сила против Украина“, напиша Мелничук на Телеграм, пренесуваат британските медиуми, пренесува МИА.

Станува збор за договорот за слободна трговија од декември 1992 година.

Украина ги прекина трговските односи со Белорусија по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Според украинскиот закон, меѓудржавните договори мора да ги раскине Парламентот.

По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Белорусија остана еден од главните трговски партнери на Украина, снабдувајќи го Кијив со значителни количини гориво и вештачко ѓубриво.