Амбасадата на Украина во Скопје ги повикува граѓаните кои се заинтересирани да се приклучат на „Меѓународната легија“ да се јават на електронските адреси објавени на социјалните мрежи. Алсат се јави на посочениот број и од таму рекоа дека целта не е да се регрутираат лица, туку само за давање на информации за формирање на единицата „Меѓународната легија“ по одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Од разговорот што го имавме, лицето кое се јави на телефонскиот повик ни кажа дека за подетални информации треба да се јавиме во амбасадата, но ниту од украинската дипломатска мисија не даваат повеќе информации. Од Јавното обвинителство сметаат дека во ваквата покана има основа за кривична пријава, но без одлука на Владата не можат да постапат бидејќи се работи за дипломатско тело. Од министерство за надворешни работи соопштија дека учеството во која било странска мисија е кривично дело.

„Како пријателска земја Украина, ја разбираме комплицираната ситуација во која се наоѓа и која ги става во посебна ситуација украинските власти, да повикаат на секаков вид помош, во сите пријателски земји. Министерството за надворешни работи ги потсетува граѓаните на Северна Македонија дека учеството во која било странска војска, според законските правила, односно Кривичниот законик на државата, е кривично дело“, велат од Министерство за надворешни работи.

На страницата на украинската амбасада поставени се условите за да се приклучите на „Меѓународната легија“:

Услови за приклучување кон „Меѓународната легија“

Да се контактира амбасадата на Украина во матичната земја.
Да бидете информирани за потребните документи и опрема.
Да се извести амбасадата за комплетирање на документацијата и да закажете интервју.
Да поднесете апликација за учество во територијална одбрана заедно со украинските вооружени сили.
Да се информирате како да стигнете до Украина.
Влезете во Украина според пропишаниот начин.
Откако ќе влезете во Украина, придружете се на „Меѓународната легија“ и заедно со Украинските војници штитете ја територијата на Украина од руските агресори.
Досега ниту еден граѓанин на Северна Македонија не се пријавил доброволно да се приклучи на украинската легија. Најголем број волонтери се пријавени од Велика Британија.

Здраво, дојдов да се приклучам на украинската војска или како ја нарекувате. Во ред, почекајте малку.
Која е вашата националност?
Британец.
Што те натера да дојдеш овде?
Се чини дека тие имаат потреба. Ние сме млади, развиени и мислиме дека можеме да помогнеме. Зошто да не?
Дали имате воено искуство?
Воопшто не.

Овде имате имејл и адреса. Ќе ви се јавува едно лице и ви кажува што да правите.
Според Кривичниот законик, повикувањето и приклучувањето во војни во странство се казнува со затвор од 1 до 4 години. Гонењето на граѓаните за учество во војни во странство може да се прави само по нивното враќање од зоните на конфликтот. Лицата кои издржувале затворска казна се подложени на процес на ресоцијализација.

Адриан Керими