Украина: Валериј Залужни и Алексеј Данилов стануваат дипломати

Украина ќе ги испрати во дипломатска служба поранешниот врховен командант на украинската армија Валериј Залужни и поранешниот секретар на Советот за национална безбедност и одбрана Алексеј Данилов, потврди советникот на Кабинетот на претседателот на Украина, Михаило Подољак.

Подољак не прецизираше во кои земји ќе бидат испратени Залужни и Данилов, а информацијата за нивното заминување во дипломатската служба е објавена, како што рече, за да се избегнат дополнителни шпекулации на оваа тема, пренесува МИА.

Познато е дека Министерството за надворешни работи на Украина претходно ја одобри кандидатурата на поранешниот врховен командант за функцијата украински амбасадор во Велика Британија. Залужни, како што пренесуваат медиумите, се согласил на новите обврски.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски го разреши Залужни во февруари годинава, а Данилов на 26 март заедно со други функционери и советници.