Натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампиони (ЛШ) меѓу АЕК и Динамо Загреб и официјално е одложен, откако Европската куќа на фудбалот (УЕФА) соопшти дека вечерва нема да се игра фудбал во Атина, по крвавите тепачки меѓу навивачите во грчкиот град.

Десетина лица се повредени, додека 29-годишник го загуби животот во пресметките низ улиците на Атина во кои учествуваа навивачи на грчкиот клуб и „Бед блу бојс“ од Загреб.

„УЕФА ги осудува инцидентите во Атина, кои резултираа со загуба на човечки живот. Изразуваме сочувство до семејството на жртвата, до АЕК и навивачите, а во исто време очекуваме одговорните за овој хаос да бидат уапсени. Сметаме дека не постојат услови за одржување на мечот и затоа истиот е одложен“, соопшти УЕФА.

Натпреварот меѓу Динамо и АЕК во Загреб ќе се игра на 15 август, додека реваншот се очекува да биде одржан на 18 или 19 август во Атина.

Прикажи повеќе