Туск: Приоритет на полската влада е да ги убеди светските лидери да продолжат да му помагаат на Киев

Новиот полски премиер Доналд Туск денеска изјави дека неговата влада ќе работи да ги убеди светските лидери дека е неопходно да се продолжи со пружањето помош за Украина и дека тоа ќе биде приоритет на владата бидејќи, како што наведе, тоа е во интерес на слободните светот, пренесе МИА.

Туск рече дека е болно за него кога ќе чуе дека украинскиот претседател Володимир Зеленски мора да продолжи да се обидува да ги убедува светските лидери за потребата да продолжат да ја поддржуваат борбата на Украина против руската агресија. Тој тврди дека Полска ќе постигне лидерска позиција во Европа и ќе биде силен дел од НАТО. Тој денеска одржа говор во парламентот, еден ден откако пратениците го избраа за нов премиер.

Полскиот парламент синоќа го избра Туск, лидерот на центристичката партија Граѓанска платформа за нов премиер, по осумгодишното владеење на партијата Право и правда на претходниот премиер Матеуш Моравјецки.

Туск стана премиер откако Долниот дом на полскиот парламент претходно вчера изгласа недоверба на владата на Моравјецки.

Туск беше избран за премиер речиси два месеци по парламентарните избори, со помош на коалиционите партнери, вклучувајќи левичари и умерени конзервативци.

Партиите излегоа на избори одделно, но ветија дека ќе работат заедно под водство на Туск за да ги обноват, како што рекоа, демократските стандарди и односите со сојузниците.

Поранешниот претседател на Европскиот совет, вети дека ќе ги подобри односите меѓу Варшава и Брисел и ќе ги деблокира милијардите евра наменети за Полска, кои се замрзнати поради загриженоста на ЕУ за владеењето на правото во Полска. Изборите во Полска се одржаа на 15 октомври.