Највисоки можности за здравствена заштита во државата имаат жителите на главниот град, Скопје. Најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат жителите на Крушево, покажуваат податоците од истражување, чии резултати ги објави Центарот за граѓански комуникации.

Има огромни разлики во можностите, односно степенот на здравствена заштита што можат да ја добијат жителите на 30-те градови во земјава. Подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Но, меѓу големите градови најлошо стојат Кичево и Кочани, а меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево. Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај Крушево се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка, пишува во соопштението до јавноста.

Истражувањето, како што се додава, „кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети, што им стојат на располагање на жителите на овие региони, како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња“.

Еден од индикаторите со големи разлики меѓу градовите, е, број на деца на една служба за здравствена заштита на деца до шест години. Овде најдобро стои Виница, каде на 129 деца има една ваква служба или педијатриска амбуланта. Спротивно, најлошо стојат Охрид, Прилеп и Скопје, каде една ваква служба има на повеќе од 3.000 деца на оваа возраст. Шест градови имаат ваква служба, но, во неа нема лекари и мораат да патуваат во други градови за ваква услуга, се наведува во соопштението.

Според истражувањето, слична е и состојбата со број на жени на една служба за здравствена заштита на жени. Како што покажуваат резултатите, најдобро стои Берово со 1.388 жени на една ваква служба, додека најлоша е состојбата во Прилеп, каде една ваква служба „покрива“ дури 36.000 жени. Три градови, според истражувањето, воопшто немаат ваква служба, односно гинеколог.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.