Селекторот на македонската репрезентација, Александар Јончевски, го одреди поширокиот список кошаркари на кои ќе смета за претквалификациите за ЛОИ 2024, на кој се најдоа 18 имиња кои ќе се борат за место во тимот за средбите закажани во Талин (Естонија).

Тренинзите почнуваат на 24 јули, а на барање на стручниот штаб ќе бидат одржани зад затворени врати во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Очекувано, во конкуренција ќе биде Ненад Димитријевиќ, кој по подолго време се враќа во националниот тим, додека местото за натурализиран играч повторно ќе му биде доверено на Ти-Џеј Шортс, кој досега одигра четири фантастични средби во жолто-црвениот дрес. Војдан Стојановски продолжува да игра и како најискусен ќе биде лидер на оваа селекција, додека во конкуренција се и десетина младинци чие време допрва доаѓа.

Македонија во периодот од 12 до 20 август ќе настапи на претквалификацискиот турнир во Талин, каде што во првата фаза ќе се сретне со Естонија, Израел и Чешка. Пласман во квалификациите за ЛОИ ќе обезбеди само најдобрата селекција од осумте кои ќе се појават во Талин и Гливице.

Прикажи повеќе