По неколкудневни неуспешни обиди, 160 приватни автомобили кои превезуваа украински цивили успеаја да го напуштат градот Мариупол. Бројните обиди за воспоставување хуманитарни коридори за евакуација на цивилите постојано пропаѓаат. Мариупол е опколен од руски војници и утринава имаше извештаи за гранатирања.

Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, милиони луѓе, главно жени и деца, ги напуштија своите домови. Повеќе од 1,7 милиони лица избегаа само во Полска. Од нив, околу еден милион останале во Полска, а другите продолжиле кон други држави.

„Сега не знам што да правам со себе. Многу ми е жал бидејќи треба да започне нов живот. Навистина не знам каде да одам и што да правам“, рече Ина Пади – бегалка

„Во моментов немаме планови. Сакаме да се вратиме дома. Сите сонуваат да се вратат дома што е можно поскоро“, Свитлана Приходнија, бегалка

По Полска, најголем број бегалци имаат Романија, Молдавија и Словачка. Околу 147 илјади се регистрирани во Германија. Сепак, според германските власти, бројот би можел да биде многу поголем. Обединетите нации соопштија дека вкупниот број на украински бегалци достигна речиси 2,7 милиони. /Алсат.мк

Арта Тахири