Над 600 Израелци се убиени во нападите од Хамас а стотина војници и цивили и натаму се во заложништво. Израелската армија објави дека има намера да ги евакуира сите Израелци кои живеат во близина на Појасот Газа пред да започне одлучувачка офанзива против групата Хамас.

„Нашата мисија е да ги евакуираме сите жители кои живеат околу Газа во следните 24 часа. Борбите сега главно се фокусирани на спасување на заложниците што ги држат милитантите. Имаме десетици илјади војници во областа. Ќе допреме до секоја заедница додека не ги убиеме сите терористи во Израел“, вели Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.

Борбите се водат внатре на територијата на Израел, каде од вчера навлегоа борците на Хамас. Во ракетните напади од Израел беа убиени над 300 Палестинци како одмазда за нападите на Хамас, кој истрела над 5.000 ракети на израелска територија и навлегоа на територијата на Израел преку копно но и со падобрани.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека следува „долга и тешка војна“ против Хамас.

„Ова беше најсмртоносниот ден на насилство во Израел во последните 50 години. Ќе се одмаздиме за овој ден“, рече Нетанјаху.

Палестинските здравствени власти соопштија дека меѓу 313-те убиени цивили има 20 деца. Исто така, тие пријавија речиси 2000 повредени лица.

Лидерот на Хамас Исмаил Ханије рече дека нападот што започна во Газа ќе се прошири на Западниот Брег и Ерусалим. Жителите во Газа веќе 16 години се соочуваат со израелска блокада.

„Колку пати ве предупредивме дека палестинскиот народ живее во бегалски кампови веќе 75 години, а вие одбивте да ги признаете правата на нашиот народ“, вели Ханије.

По започнувањето на масовниот напад на Хамас, земјите ширум светот му понудија поддршка на Израел и истакнаа дека има право да се брани. Од друга страна, како што објави ББС, иранскиот претседател разговарал со водачот на Хамас, додека во Бејрут се маршираше за поддршка на Палестинците. Американскиот претседател Џо Бајден порача другите земји кои се „непријателски настроени кон Израел“ да не се обидуваат да ја искористат ситуацијата.

Исуф Кадриу