Зачувувањето на мирот била една од главните теми на заедничката средба на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и српскиот претседател Александар Вучиќ. Првиот човек на Алијансата од Белград повика да има одговорност за напаѓачите на силите на КФОР во Косово, од мај годинава, како и за оние од инцидентот во Бањска во септември. Според него, овие настани се неприфатливи и порача српската војска и припадници на КФОР повеќе да соработуваат и да споделуваат информации за да не дојде до, како што рече, недоразбирања. Од друга страна, српскиот претседател кажа дека на средбата не слушнал добри зборови од страна на Столтенберг во однос на позициите на Белград, но сепак разговорот го оцени како продуктивен. Вучиќ истакна дека српската војска никогаш не ги преминала своите надлежности.

„Ги повикувам страните да ги намалат тензиите и да се воздржат од активности кои доведуваат до ескалација. Како што му кажав и на претседателот Вучиќ за време на средбата трупањето на силите на српската војска повторно на административната граница нема да помогне во оваа насока“, рече Столтенберг.

„Каде и како ќе ја распоредуваме нашата војска, во согласност со Уставот на Србија и законите на оваа земја притоа не загрозувајќи никого на било каков начин, тоа е наша работа“, возврати Вучиќ.

Столтенберг пак, од Белград го повтори она што вчера го најави во Приштина. Односно, дека ќе се зголеми присуството на НАТО на северот на Косово, со дополнителни 1000 војници за да го чуваат мирот. Столтенберг образложи дека одлуката следува по зголемените тензии и последните насилства. На средбата двајцата разговарале и за заеднички воени вежби, а Вучиќ ја поддржа ваквата идеја, но сепак додаде дека неговата земја останува воено неутрална.

Генералниот секретар на НАТО вчера од Приштина ја истакна важноста на стабилноста во Западен Балкан. Додека пак, претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека во интерес на Русија е да отвори уште еден фронт на Балканот и повтори дека Москва постојано го поддржува Белград. Претходно и косовскиот премиер Албин Курти истакна дека Србија распоредува воени сили на границата.

Инаку, Столтенберг мини-балканската турнеја ја започна вчера од Сараево, каде изрази загриженост за руското дестабилизирачко влијание.

Лука Андреев