Столтенберг: Европа и САД си се потребни една на друга

„Европа и САД си се потребни една на друга и се заедно се посилни“, рече генералниот секретар на НАТО во своето обраќање на церемонијата по повод 75-годишнината од алијансата, објави Би-Би-Си.

Додека САД ѝ обезбедува безбедност на Европа, тој рече дека тие имаат потреба и од војската, разузнавањето и дипломатската моќ на нивните европски сојузници.

„Не верувам во сама Америка, исто како што не верувам во сама Европа. Верувам во Америка и Европа заедно во НАТО, бидејќи заедно сме посилни и побезбедни“, потенцираше Столтенберг.

Забелешките на шефот на НАТО дојдоа откако алијансата разгледуваше петгодишен фонд во вредност од 100 милијарди евра за долгорочна воена поддршка за Украина, за да помошта за Кијив не биде загрозена од политичките промени како во САД, така и во другите земји членки на НАТО.

Американскиот пакет во вредност од 60 милијарди долари (47 милијарди фунти) е во застој во Конгресот со месеци поради отпорот на републиканските пратеници, како и на републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп, кој зборуваше за ставање крај на војната „за еден ден“.

За време на својот говор, Столтенберг рече дека НАТО мора да „прави нешто како што треба“, бидејќи од 12 земји, порасна на 32. Нејзините најнови членки Шведска и Финска ја напуштија својата неутралност и се приклучија на алијансата како резултат на руската инвазија на Украина.

32-члената алијанса се согласи да иницира планирање за долгорочна воена поддршка за Украина.

Неколку земји ја поддржаа иницијативата само во теорија. Унгарија, која одржува блиски врски со Русија, предупреди дека нема да поддржи „никакви предлози на НАТО кои би можеле да ја доближат Алијансата до војна или да ја префрлат од одбранбена во офанзивна коалиција“.

Унгарската влада долго време се обидуваше да се дистанцира од меѓународните иницијативи за финансирање на борбата на Украина против Русија и одреден период го блокираше планот на ЕУ да обезбеди пакет помош од 50 милијарди евра за Украина.

Столтенберг призна дека рамката за поддршка допрва треба да се одлучи, но рече дека министрите за надворешни работи на НАТО се согласиле за принципот дека без сомнение Украина може да се потпре на поддршката на НАТО сега и на долг рок.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба им рече на новинарите во седиштето на НАТО дека иако не сака да ја „расипе роденденската забава на [Нато]“, на неговата земја и е потребна помош за подобрување на нејзината воздушна одбрана – особено ракетите „Патриот“.

М. Пешевска