Во првата реакција по случувањата во Украина, претседателот на Србија Александар Вучиќ, рече дека тензичната ситуација и признавањето на двата региона може негативно да се одрази на Западен Балкан. Тој нареди армијата и полицијата да бидат во готовност. Вучиќ рече дека ќе се соочи со притисок од западните земји да воведат санкции кон Русија. Во меѓувреме, Кремљ најави дека во наредните денови рускиот советник за безбедност ќе ја посети Србија.

„По седницата на Советот за национална безбедност ѝ наредив на армијата, како врховен командант, во секое време да се подготвува на најдобар можен начин. Продолжуваме да го купуваме најдоброто за одбрана на државата. Денес, гледате во светот дека мирот повеќе не е нешто што се подразбира“, рече Александар Вучиќ, претседател на Србија

Загрижени за ситуацијата во Украина и можните последици на Балканот и на Косово, поранешниот министер за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај, побара Собранието да усвои резолуција за тензиите во Украина.

„Украина е првиот фронт, Балканот е вториот фронт, а ние сме првата линија на овој втор фронт на Балканот. Мислам дека Владата треба да го свика Советот за национална безбедност“, рече Енвер Хоџај, ДПК

 „Имајќи сосед како Србија кој исто така ја користи истата тактика на загрозување на територијалниот интегритет и честопати го копира рускиот метод, итно е нашите безбедносни институции да се состанат и да ја разгледаат и следат ситуацијата со која се соочуваме“, Хаки Абази, Самоопределување

Се огласи и косовскиот премиер.

„Го поддржуваме суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина и како и досега секогаш ќе бидеме во координација со ЕУ, САД и НАТО“, рече Албин Курти, премиер на Косово

Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, рече дека одлуката на Русија претставува кршење на меѓународното право, на суверенитетот и интегритетот на Украина и на мировните договори од Минск. Исто реагираше и хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ. /Алсат.мк

Шкелезен Аќифи