Советот за безбедност на Обединетите нации повторно не успеа да се договори за резолуција поврзана со решавањето на хуманитарната криза во Појасот Газа, предизвикана од актуелниот конфликт меѓу Израел и палестински Хамас, пренесуваат американските медиуми.

По повеќе од два часа разговори зад затворени врати, вчера, останаа разликите меѓу членките на Советот за безбедност.

САД повикаа на „хуманитарни паузи“, а многу членки на Советот за безбедност на ОН бараат „хуманитарен прекин на огнот“ за испорака на хуманитарна помош и спречување на повеќе цивилни жртви во Газа.

-Разговаравме за хуманитарни паузи и заинтересирани сме да работиме на формулацијата за тоа прашање.

Но, во Советот има несогласувања дали тоа е прифатливо, изјави заменик американскиот амбасадор Роберт Вуд по средбата.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш претходно изјави дека сака итен хуманитарен прекин на огнот во Газа и запирање на „спиралата на ескалација“ што веќе се развива од окупираниот Западен Брег, Либан и Сирија до Ирак и Јемен.

Прикажи повеќе