Германската мултинационална компанија „Сименс” најави дека ќе го напушти рускиот пазар, придружувајќи им се на стотиците компании што се повлекоа од Русија поради војната против Украина.

„Компанијата почна процес на затворање на индустриските операции и сите индустриски активности”, се наведува во соопштението на „Сименс”.

Корпорацијата со околу 3.000 вработени во Русија, го суспендираше целиот нов бизнис во меѓународните испораки во Русија и Белорусија по почетокот на војната во февруари.

„Сеопфатните меѓународни санкции, како и сегашните и потенцијалните контрамерки, влијаат на деловните активности на компанијата во Русија, особено на железничките услуги и одржувањето”, се наведува во соопштението.