Компанијата Фејзбук соопшти дека ја укинува својата рубрика за вести „Фејзбук њуз“ во Велика Британија, Франција и Германија на почетокот на декември и оти ќе се сосредоточи на кратките видеосодржини.

Одлуката за „Фејзбук њуз“ е донесена во согласност со стратегијата за насочување на ресурсите во областите коишто од поголем интерес за корисниците. Според Фејзбук , вестите како содржина имаат помалку од три отсто од прегледите на платформата на светско ниво. Корисниците ја посетуваат платформата првенствено за социјални врски и истражување на интересите, а не за вести и политички содржини, тврдат од компанијата.

Оваа промена нема да влијае на другите производи и услуги на „Мета“ во Британија, Франција и Германија. Корисниците сè уште ќе можат да пристапуваат до написите со вести преку споделени врски. Европските издавачи ќе го задржат пристапот до нивните сметки и страници на Фејзбук , што им овозможува да објавуваат линкови и да ги насочуваат корисниците кон надворешните интернет-страници.

Издавачите, исто така, може да ги користат видеоролните („reels“) и услугата за реклами, за да допрат до поширока публика и да го задржат целиот приход од надворешните врски. Фејзбук ќе ги почитува договорите со издавачите во Велика Британија, Франција и Германија додека не истечат, но не планира нови зделки за објавување вести на „Фејзбук њуз“.

Се посочува и дека социјалната мрежа не подготвува нови производи приспособени за издавачите, истакнувајќи дека ќе истрае во поврзувањето на корисниците со веродостојни вести. Компанијата, се наведува, соработува со независни проверувачи на факти, сертифицирани од Меѓународната мрежа за проверка на факти, во анализата и евалуацијата на можните дезинформации на платформата.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.