Северна Кореја повторно истрела артилериски ракети во близина на границата со Јужна Кореја

Северна Кореја денеска истрела повеќе од 60 артилериски ракети во близина на спорната поморска граница со Јужна Кореја, соопшти јужнокорејската војска.

Северна Кореја вчера веќе истрела повеќе од 200 артилериски проектили во истиот регион, додека тензиите меѓу двете Кореи продолжуваат да растат, пренесува Дојче веле.

Артилерија била истрелана северозападно од островот Јеонпјеонг во периодот од 8 до 9 часот по средноевропско време, соопшти Здружениот генералштаб на Јужна Кореја (JCS).

JCS „итно ја повика“ Северна Кореја да ги прекине активностите кои го загрозуваат мирот на Корејскиот полуостров.

Артилериски гранати паднаа северно од северната гранична линија (NLL), де факто поморската граница меѓу двете Кореи, објави новинската агенција Јонхап, цитирајќи ја JCS.

Јужнокорејската војска не планира да возврати како што го направи тоа вчера, објави Јонхап.

Г. Т.