СБ на ОН загрижен поради ситуацијата во Хаити, постои закана од граѓанска војна

Советот за безбедност на Обединети нации изрази загриженост поради влошувањето на ситуацијата на Хаити.

Вооружените банди кои контролираат делови од земјата минатата недела почнаа координирани напори за соборување на отсутниот премиер Ариел Хенри, напаѓајќи го аеродромот, затворите и полициските станици и заканувајќи се со целосна граѓанска војна.

САД го повикаа премиерот Хенри да одржи слободни избори, но не побараа негова оставка, клучното барање на лидерот на моќната банда Џими Черисие. Тој е на власт од атентатот на претседателот Џовенел Моис во 2021 година, а Хенри требаше да ја напушти функцијата во февруари, но наместо тоа, се согласи на договор за поделба на власта со опозицијата до одржување на нови избори.

Черисие пред два дена предупреди дека влошувањето на ситуацијата ќе доведе до граѓанска војна и масовно крвопролевање доколку Хенри не се повлече од функцијата.

Најмалку 15.000 луѓе побегнаа од најтешко погодените делови на Порт-о-Пренс, а загинаа 1.193 лица. Шефот за човекови права на Обединетите нации, Волкер Турк вчера ја опиша ситуацијата како „неодржлива“, пренесува Франс24 .

Во екот на најновите немири, Хенри не можеше да се врати дома. Тој беше во Кенија за да изврши притисок за распоредување на мултинационална безбедносна мисија поддржана од ОН за да помогне да се стабилизира неговата земја кога започна обидот за негово соборување.