Фернандо Сантош не планира да ја напушти функцијата селектор на португалската репрезентација. Португалија пред два дена загуби од Србија во последниот натпревар од групната фаза од квалификациите за СП 2022 година (1:2) и ја пропушти можноста директно да се пласира во последниот дел од турнирот.

И покрај пропуштена шанса за првото место во групата, Португалската фудбалска федерација и понатаму му верува на 67-годишниот стручњак. Тој ќе го подготви тимот за баражот што ќе се одржи следниот март.

Сантош е селектор на португалската репрезентација од 2014 година. Под негово водство тимот го освои Европското првенство во 2016 година и Лигата на нации на УЕФА во 2019 година.