Само шест ученици во основно училиште биле позитивни на скринингот за ковид-19 од 1.323 тестирани информира Министерството за здравство.

Од тестирани 1.323 ученици во средни и основни училишта на подрачјето на Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица, Тетово и Охрид, 725 се основци, а 598 се средношколци. Од нив само 6 основци биле позитивни на Ковид 19, а 1.317 ученици биле негативни на тестот.

Во тек е скринингот за ковид-19 на учениците од основните и средни училишта во Македонија. Скринингот го вршат Центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територија на цела држава.

Центирите за јавно здравје при детектирање на позитивен ученик, постапуваат согласно донесениот алгоритам за училиштата во случај на појава на ученик со симптоми или сомнителен на вирусот, велат од Министерството за здравство.

За поголем дел од Центрите за јавно здравје скринингот завршува утре, а крајните резултати Центрите мора да ги испратат најдоцна до средината од следната седмица.

По обработката на податоците Министерството за здравство ќе ја објави целосната анлиза со што ќе се добие генерална слика за присуство на вирусот Ковид 19 меѓу учениците во училиштата.

Министерството за здравство информира дека во моментов во Македонија, 900 деца на возраст од 0-17 години се активни случаи. Од нив 15 се потврдени денеска.

На Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 9-16 години. Еден пациент е на кислородна поддршка, а сите останати се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано.

Според податоците од националниот систем Мој Термин досега во земјата 5.800 деца на возраст од 12 до 17 години примиле една доза вакцина за Ковид 19, а ревакцинирани се 4.860 малолетници.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.