САД се „длабоко загрижени“ за судбината на Навални, речиси три недели никој не знае каде се наоѓа

САД изразија длабока загриженост за судбината на затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални, за кого немаат никаква информација каде се наоѓа од почетокот на декември, пишува Франс 24.

Длабоко сме загрижени за тоа каде се наоѓа Навални, кој речиси три недели се изгуби во рускиот затворски систем. Уште еднаш повикуваме на негово итно ослободување и ставање крај на континуираната репресија на независните гласови во Русија, напиша државниот секретар на САД, Ентони Блинкен синоќа на социјалната мрежа Х.

Експертот за човекови права на ОН, Марјана Кацарова, на почетокот на минатата недела исто така изрази загриженост поради „насилното исчезнување “ на Навални.

Портпаролот на Навални, Кира Јармиш вели дека од руската Федерална служба за извршување на казни (ФСИН) тврдат дека на 11 декември политичарот го однеле од затворот во непознат правец, иако адвокатите биле спречени да се сретнат со него уште од 6 декември.

Според познавачите, процесот на префрлање во друг посуров затвор, а по некакво претходно судско решение, во Русија може да трае со недели. Затворниците обично се превезуваат со железница.

Тимот на Навални смета дека неговото веројатно носење во друг затвор било намерно направено во пресрет на очекуваниот реизбор на претседателот Владимир Путин во март следната година.

Навални (47), главниот политички противник на Путин, не доби учество на изборите во 2018 година поради старо обвинение за измама за кое неговите сојузници велат дека е политички мотивирано.

Тој доби 19-годишна затворска казна во 2021 година под обвинение за „екстремизам“ откако преживеа обид за труење за што го обвини Путин.

Г. Т.