САД и Европа на потег – потребна е поголема воена помош за Украина

Заменик-генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана на состанокот на Воениот комитет во седиштето на НАТО во Брисел ја потврди поддршката на НАТО за Укриана, истакнувајќи дека  Украина ќе биде еден од приоритетите на следниот самит на лидерите на НАТО во Вашингтон во јули 2024 година, пренесе Цивил Медиа, повикувајќи се на објавата на веб-страницата на Алијансата.

„На овогодинешниот самит во Вашингтон, ќе одиме понатаму. Правејќи го она што е неопходно за да се обезбеди безбедноста на нашиот народ, нашите нации и да, системот заснован на меѓународни правила“, рече Џоана.

Според него, на самитот ќе се разговара за зајакнување на колективната одбрана, особено воздушната и ракетната одбрана, како и за зајакнување на поддршката за Украина.

Претходно, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон ги повика американските конгресмени да одобрат нов пакет помош за Украина, на што инсистира и американскиот претседател Џо Бајден.

Камерон ова го изјави на Светскиот економски форум во Давос. Тој нагласи дека одобрувањето на нова помош ќе биде во интерес на САД и дека обидите да се „вразуми“ Русија нема да функционираат.

Во Давос, Швајцарија, се одржаа меѓународни консултации за клучните принципи за мир за Украина. Консултациите вклучија лично и онлајн учество на советници за национална безбедност и надворешна политика од 82 земји и меѓународни организации, се наведува во сооштението на ко-претседавачите на самитот, Швајцарија и Украина, на 4-от состанок на советниците за национална безбедност и надворешна политика во врска со клучните принципи за мир за Украина, објави Цивил Медиа.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен им порача на поддржувачите на Украина на Светскиот економски форум во Давос „да го зајакнат својот отпор“ пред руската инвазија.

Повикувајќи на повеќе оружје и финансиска поддршка за Украина, таа апелираше на поддржувачите на Украина да продолжат да го прават тоа. Фон дер Лајен истакна дека на Украина и треба „предвидливо финансирање во текот на 2024 година и пошироко“.

Украина останува приоритет и за Франција, порача новиот француски министер за надворешни работи Стефан Сежурне на заедничката прес-конференција со неговиот украински колега Дмитро Кулеба.

Британскиот премиер Риши Сунак за време на неговата посета на Кијив на 12 јануари го претстави новиот пакет воено финансирање за Украина со цел земјата да се увери дека Западот продолжува да ја поддржува, пишува Цивил Медиа. Пакетот за помош, кој важи за следната фискална година и е вреден 2,5 милијарди фунти (3,2 милијарди долари), е најголемиот што Велика Британија и го дала на Украина од почетокот на војната.

И Летонија вети дека ќе и обезбеди на Украина дополнителна воена помош за нејзината одбрана од Русија. По средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс објави дека следниот пакет помош ќе вклучува хаубици, артилериска муниција од 155 милиметри, противтенковски и противвоздушни одбранбени системи, ракетни фрлачи, теренски возила, рачни гранати, хеликоптери и друга опрема.

Шефицата на естонската влада Каја Калас, исто така, додаде дека од 2022 година, Естонија веќе и обезбедила на Украина воена помош во вредност од речиси 500 милиони евра и ќе издвои 0,25 отсто од својот бруто домашен производ за оваа намена во следните четири години. „Ова е исто така неопходно за да се обезбеди нашата безбедност“, нагласи таа.

Според неа, пренесува Цивил Медиа, во наредните години Естонија ќе издвојува и 14 милиони евра годишно за обновување на Украина и соодветни решенија.

Неодамна, и Шведска објави дека обезбедува околу 5 милиони долари на Доверливиот фонд на НАТО за сеопфатен пакет помош (CAP) за Украина, кој ќе се користи за воена помош за Украина.

Пред повеќе од десет дена германскиот канцелар Олаф Шолц го заѕвони алармот, предупредувајќи дека „ни требаат повисоки придонеси“ од другите земји на ЕУ бидејќи помошта на Германија сама по себе нема да биде доволна за да се гарантира безбедноста на Украина.

Планот на Берлин: Шолц рече дека побарал од ЕУ да состави список на сета воена помош што земјите-членки на ЕУ ја планираат оваа година, „најдоцна“ до следниот самит на лидерите на ЕУ на 1 февруари. Шолц додаде: „Ни треба што е можно попрецизен преглед каков конкретен придонес ќе дадат нашите европски партнери за поддршка на Украина оваа година“, објави Цивил Медиа во еден од своите текстови.

Според Килскиот институт, кој ја пресмета воената помош за Украина во јавниот домен, Германија беше втор најголем донатор минатата година по САД, со 17,1 милијарди евра. По неа следуваат Велика Британија со 6,6 милијарди евра и нордиските и источните земји на ЕУ. Франција, за споредба, има само 0,54 милијарди евра, Италија 0,69 милијарди евра и Шпанија 0,34 милијарди евра.

Г. Т.