САД го повикаа Израел да го истражи воздушниот напад во кој загинаа работници на невладини организации

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Вашингтон го повикал Израел да спроведе брза, темелна и непристрасна истрага за израелскиот воздушен напад во кој загинаа седум лица кои работеа во Газа за хуманитарната организација „Светска централна кујна“.

„Разговаравме директно со израелската влада за овој конкретен инцидент. Побаравме брза, темелна и непристрасна истрага за да откриеме што точно се случило“, изјави Блинкен на прес-конференција во Париз,а пренесува МИА, додавајќи дека хуманитарните работници мора да бидат заштитени.

Американскиот државен секретар исто така рече дека она што Израел го направи досега за да дозволи помош во Газа не е доволно.

Блинкен посочи и дека координацијата на помошта за Газа е постојан проблем. Тој му ја истакна на Израел потребата од зголемување и одржување на помошта за палестинската енклава, чие население е на работ на глад.