Европската комисија треба да го „затегне ременот“, наместо да бара од земјите на ЕУ дополнителни средства, изјави холандскиот премиер Марк Руте коментирајќи го предлогот на Европската комисија за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) на Унијата за периодот 2021-2027 година, со кој се бараат дополнителни 66 милијарди евра.

Во предлогот на Еврокомисијата се наведува дека тие дополнителни средства се потребни за справување со финансиските тешкотии поврзани со поддршката на Украина, за менаџирање на миграцијата, како и за покривање на зголемените трошоци за задолжување при спроведувањето на мерките за закрепнување од ковид пандемијата.

Не оспорувајќи ги зголемените трошоци на буџетот на ЕУ, Руте оцени дека тие треба да се покријат со пренамена на буџетските пари.

„Значи, нашите три приоритети се: пренамена, пренамена и пренамена. Исто како и во националниот буџет, одвреме-навреме треба да го затегнете ременот на другите ставки. Тоа мораме да го сториме и во Холандија“, изјави Руте.

Холандскиот премиер, сепак, нагласи дека тој е за обезбедување дополнителни средства за Украина, додавајќи дека „всушност сите го поддржуваат тоа“, иако „никој не среќен кога треба да го отвори својот паричник“ за потребите на Брисел во време на зголемен притисок за намалување на трошоците.