Руските власти не го предаваат телото на Навални на семејството, ќе го задржат две недели на „хемиска анализа“

Телото на Алексеј Навални ќе биде задржано две недели на „хемиска анализа“, изјави семејството на Алексеј Навални, критичарот на Путин кој почина во руски затвор, откако наводно им било кажано дека неговото тело нема да биде пуштено две недели.

Неговата мајка била информирана дека е задржана на „хемиска анализа“, ја пренесува Би-би-си изјавата на претставникот на Навални.

Од руските власти нема потврда за тоа каде се наоѓа телото, додека напорите за негово лоцирање постојано беа блокирани.

Сопругата на покојниот руски опозициски лидер ги обвини дека го кријат.

Во видеото во понеделникот ветувајќи дека ќе продолжи со својата работа за борба за „слободна Русија“, Јулија Навалнаја директно го обвини рускиот претседател Владимир Путин за убиство на нејзиниот сопруг. Таа, исто така, тврдеше дека неговото тело се чувало додека не исчезнале трагите од труење со нервниот агенс Новичок.

Навални веќе еднеш преживеа обид за убиство со труење со Новичок во 2020 година.

Со растреперн глас од тага и гнев, Навалнаја ги замоли гледачите да застанат покрај неа и „да го споделат бесот и омразата за оние кои се осмелија да ја убијат нашата иднина“.

Смртта на Навални во затвор беше објавена во петокот. Властите во сибирската казнена колонија каде што тој беше задржан рекоа дека тој никогаш не се освестил откако колабирал по прошетка.

Неговата мајка и адвокатот отпатувале во оддалечената колонија штом се објави веста за неговата смрт.

Како што соопшти неговиот тим во понеделникот, на мајката на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални веќе трет ден и се одбива пристап до неговото тело , додека неговата вдовица се подготвува да се сретне со европските министри за надворешни работи,

Обидите за лоцирање на телото постојано беа затворени од затворската мртовечница и локалните власти.

Во понеделникот, Кремљ соопшти дека истрагата за смртта на Навални е во тек и дека засега „нема резултати“.

Подоцна, портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека инспекторите и рекле на мајката на Навални, Људмила, дека нема да го предадат телото две недели додека да спроведат „хемиска анализа“.

Во нејзината видео-порака, снимена во стил препознатливо сличен на оние што ги правеше нејзиниот покоен сопруг, Навалнаја рече дека верува дека нејзиниот сопруг бил отруен.

“Тие го кријат неговото тело – не го покажуваат или даваат на мајка му – и лажат. Чекајќи да исчезнат трагите од најновиот Новичок на Путин”, рече таа.

Како што објави оредходно денеска Цивил Медиа, по неколку дневно прикривање, телото на навални беше лоцирано во мртовечница на окружната клиничка болница Салехард., а според снимките од уличните камери до кои дојде Медиазона, беше идентификуван полноќниот конвој од четири возила, вклучувајќи ги и оние на ФСИН, казнено-поправната служба, кои преку замрзнатата површина на реката Об го транспортирале телото на Навални во Салехард.

Навални, кој беше најзначајниот лидер на руската опозиција во последната деценија, отслужуваше 19-годишна затворска казна по обвиненијата кои многумина ги сметаа за политички мотивирани.

Западните лидери ја префрлија вината за смртта на Навални директно на претседателот Путин.

Одговарајќи на прашања од новинарите во понеделникот, претседателот Џо Бајден рече: „Факт е: Путин е одговорен, без разлика дали тој го наредил тоа или тој е одговорен за околностите во кои го ставил тој човек“.

За време на прес-конференцијата во понеделникот, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека Навални бил „полека убиван во руски затвор од режимот на Путин“.

И ЕУ и САД рекоа дека размислуваат за нови санкции кон Русија по смртта на Навални.

Шефот на британската дипломатија, лорд Камерон, исто така, рече дека очекува Велика Британија и остатокот од групата богати земји Г7 да воведат нови санкции за сите Руси кои се вклучени во смртта.

Руските затворски власти изминатиот викенд соопштија дека Навални претрпел „синдром на ненадејна смрт“.

Подготви: Д. Мишев