Рускиот агресор предизвика сериозна штета врз украинска електроенергетска компанија, поправките би можеле да траат 18 месеци

Шефот на најголемата украинска приватна енергетска компанија, ДТЕК, вчера изјавил дека пет од нејзините шест централи биле оштетени или уништени, што резултирало со 80% загуби на производниот капацитет по двонеделните руски напади и дека поправките би можеле да потраат до 18 месеци, објави Ројтерс.

Руски ракетни и дронови напади погодиле термоцентрали и хидроелектрани во централна и западна Украина во текот на ноќта во петокот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во свое  видео обраќање во саботата доцна навечер, рече дека Русија врши „гнасни напади“ со цел да предизвика„крварење“ на украинската енергија.

„Америка, Европа, другите наши партнери, сите знаат што ни треба“, потенцираше Зеленски. „Секој знае колку е важно во моментов да ни помогне да се заштитиме од овие удари.

ДТЕК, која задоволува околу една четвртина од енергетските потреби на земјата, постојано беше мета на силни напади од руски ракети, беспилотни летала и артилерија во двегодишната војна против Украина.

Извршниот директор на ДТЕК, Дмитро Сахарук, во забелешките прикажани на националната телевизија рече дека нападите на 22 март и 29 март го погодиле термалното и хидро производството „речиси во сите региони“ и дека дистрибутивните капацитети се уништени.

„Да бидам конкретен, пет од шест наши станици беа сериозно оштетени, некои единици беа уништени, некои беа оштетени за 50% или повеќе. Ова се однесува и за западните и за централните региони, а оштетена е и опремата неопходна за производство на електрична енергија и за пренос од станицата до мрежата“, информираше Сахарук.

Неговата компанија претрпе загуби во износ од 300 милиони долари само во делот на опрема, рече тој, додека трошоците за работна сила повторно би чинеле половина од тоа. „Утврдивме дека 80 отсто од расположливиот производствен капацитет сега не работи“, додаде тој.

ДТЕК потроши 110 милиони долари за обновување на 10 блокови погодени од руските напади минатата година, рече Сахарук, при што две третини од нив сега повторно се уништени.

Неколку месеци ќе бидат потребни за поправките, рече тој, а во некои случаи и до година и половина.

„Потребно е време за да се произведе турбина или генератор или трансформатор, така што треба да бидете подготвени за фактот дека струјата постепено ќе се враќа“, рече тој.

Марта Пешевска