Градот Лавов во западна Украина денеска беше разбуден од серија силни експлозии. Локалните власти известија дека дел од ракетите биле истрелани од бродови во Црното Море. Биле уништени неколку комплекси и објекти кај градскиот аеродром. Лавов се наоѓа на само 70 километри од полската граница и служи како засолниште за стотици илјади бегалци.

Advertisements

„Нападот на Лавов е напад на хуманитарен центар во кој се сместени најмалку 200.000 луѓе од воените зони. Овој напад е потврда дека Русија повеќе не војува со украинската армија, туку со цивили, деца, жени и раселени лица“, Максим Козицки, регионален гувернер на Лавов

Руските сили продолжуваат со бомбардирањето и на другата линија, онаа околу главниот град на Украина. Најмалку едно лице загина, а десетици други се повредени, со што бројот на загинати во Киев се искачи на 222.

„Имаше експлозии. Се разбудивме, се сокривме во бањата и веднаш заминавме“, дете

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека многу станбени згради, градинки и училишта биле уништени од последните руски напади. Тој очекува Киев да се соочи со целосно уништување како и многу други украински градови.

„Војната е против цивили. Овде не гледам украински војници. Нема воена база. Само станбени згради и цивилни станови“, Виталиј Кличко, градоначалник на Киев

Жртви денеска имаше и во гранатирањата во Харков, Краматорск и други градови. Украинските власти пак, продолжуваат со потрагата по преживеани од првите два дена од трагедијата во Мариупол над Градскиот театар, каде беа сместени стотици жени и деца. Досега се спасени 130 лица. По трагедијата, Италија вети дека ќе го обнови театарот по завршувањето на војната. /Алсат.мк 

Семра Мусаи