Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупредува на ескалација на руските напади во источна Украина. Тој ги коментираше и последните одлуки на земјите од ЕУ, наведувајќи дека се чувствува среќен што Германија конечно ја зазема страната на Украина и оти ќе ги заостри мерките против Русија и нејзините злосторства.

„Руските трупи ќе одат уште подалеку со своето лудило на истокот на земјата. Тие можат да користат повеќе проектили и воздушни бомби против нас, но ние сме подготвени против сите нивни напади. Ќе одговориме. Ќе бидеме уште поактивни со оружје во одбрана на Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина

Во Харков, вториот најуништен град после Мариупол, земјоделците се вратија на своите имоти.

„Заминавме среде куршуми и бомби. Тие беа на само 300 метри од нас. Тие пукаа додека ние бегавме. Повеќето од нив беа пијани и пукаа во нас“, изјави Љубов Злобина, Земјоделка

Во Буча, градот за кој се тврди дека се соочил со геноцид врз цивили, црквата одлучи да ги отвори вратите за да засолнува жители. Пронајдени се дополнителни тела на градските улици и беа отворени нови масовни гробници. Во меѓувреме, Кремљ денеска ги осуди санкциите на ЕУ против руските лидери и новинарите.

„Санкциите се неприфатливи и нелегални. Исто така сметаме дека постои недостиг на разум во рестрикциите за новинарите и претставниците на медиумите. Тие се целосно неприфатливи и силно ги отфрламе. Ова е надвор од секоја логика“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на претседателот на Русија

Министрите за надворешни работи на ЕУ се состанаа во Луксембург за да ги координираат одговорите по најавата на Русија за засилени напади во источна Украина. /Алсат.мк

Адриан Керими