Најмалку осум лица загинаа, меѓу кои и три деца, во ракетен напад што Русија синоќа го изврши на градот Краматорск во источна Украина.

Нападот се случил околу 19:30 часот по локално време, а погодени се објекти во центарот на градот, меѓу кои ресторан, станбени згради и шопинг зона, делови кои се под украинска контрола.

Две од децата чии тела биле пронајдени во урнатините се идентификувани и биле на возраст од 15 и 12 години. Според информациите кои ги пренесуваат украинските медиуми, меѓу жртвите има и 17-годишна девојка.

Спасувачките екипи сè уште трагаат по лица затрупани под урнатините.

Украинските служби за итни случаи објавија дека има и 56 лица кои се повредени.

Претседателот Володимир Зеленски го осуди нападот и рече дека тоа е чин на терор кој му покажува на светот дека Русија заслужува пораз и судење пред трибунал.

Прикажи повеќе