Русите мислат дека светот постојано нешто им должи, па треба и да ги спасува од глад, откако ќе се исцрпат во своите војни
  • Дали во Кремљ паметат колку пати САД ги спасувале од глад во последните 120 години?
  • Историските факти се туркаат настрана, па дури и се уништуваат доказите за тоа.
  • Напротив, се покажува само сликата за „рускиот свет“ во која нема место за вистината.

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Новинарот и аналитичар Евгениј Дајнов неодамна објави истражување за тоа колку пати САД ја спасувале царска Русија, потоа и новоформираниот СССР, сѐ до годините пред распадот на Федерацијата. Тоа е некаде распон од 120 години кога бесплатниот увоз на храна за населението ги намалувал ужасните статистики за масовното умирање заради хроничен недостаток на храна.

Факт е дека на американската помош од овој вид се сеќаваат и нашите најстари сограѓани. Југославија го преживеа гладот ​​благодарение на американската помош што се дистрибуирала низ годините, како во текот на војната, потоа на крајот на 40-тите и почетокот на 50-тите години. Тогаш, многу Југословени за првпат виделе инстант кафе, пуфер јакни, чоколади, најлонски чорапи, некои хигиенски средства и јајца во прав (т.н. Труманови јајца), кои беа мешани со вода пред употреба. Кај нас тоа се памти кај оние кои ја примале помошта во форма на споменатите артикли, а некои велат дека таква помош дошла конкретно во Скопје и после земјотресот од 1963 година.

За почеток, снемало јајца

Но сето тоа е зрно песок во пустината во споредба со тоа колку пати Американците им помогнале, како што поедноставено велат „на Русите“, со силно чувство за солидарност. Впрочем и темата на Дајнов, објавена за Дојче Веле на бугарски, е предизвикана од фактот дека во трговските дуќани низ Русија нема јајца, се чека на ред и дека настанува хаос при чекањето, како што објави ЦИВИЛ МЕДИА неодамна. Се бележи енормно покачување на цените на јајцата (за 45 отсто), а Путин на годишната прес конференција призна дека имаат проблеми во дистрибуцијата на храна, дека неа ја има, но дистрибуцијата „промашила“!

Дајнов констатира дека „неверојатно е верувањето вкоренето кај Русите дека секој нешто ним должи, вклучително и – да ги спасат од последиците на сопственото лидерство“.

И во редовите на луѓе кои не можат да купат основни продукти се јавило сеќавањето на помошта во форма на „свинските нозе на Буш“ од почетокот на 90-тите, со жалење дека тие нема да се претворат во истите такви свински нозе и половинки „на Бајден“!

Русија светот глад

НАЈЧЕСТИ ЖРТВИ Во сите кризи најмладите секогаш биле жртви

Директни војни меѓу САД и Русија – немало!

Врските меѓу САД и царска Русија сигурно се засновале, најпрвин на фактот дека меѓу нив немало воен судир и тоа никогаш во историјата, за разлика од честите војни на тогашен Петроград со Лондон, Париз, Виена, Истанбул… А војните значат глад, особено онаму каде што голем дел од машкото население е ангажиран во професиите кои значат производство на храна, за своето семејство, секако и за поширокиот пазар.

Но Русија е, практично, секогаш во војна, нејзиното работоспособно население се проретчува, при што не било можно да постои таков природен прираст кој би ја довел до доволен број на вработени во аграрот. Веќе сум пишувал на страниците на Цивил за „Севастополските раскази“ на Толстој, кој ги жалел селаните (неговите мужики) кои без рака или нога, изгубена во битките, носеле целосно сиромаштво за нивните семејства! За мртвите кои нема да се вратат дома, и да не говориме. Во исто време офицерите, дел од аристократијата, се гоштевале и се перчеле качени на коњите… Ете го изворот на гладта, а Толстој, и самиот дел од рускиот крем, целосно се повлекол во имотот на Јасна Полјана.

Каде започнува приказната со свинските нозе и половинки од САД за Русија? Во 1891 година, во Русија се случил тежок глад. Добродушниот американски народ собирал помош во храна и им ја испраќа на гладните во Русија. Настанот на собирање на помош во Америка за Русија е насликан од рускиот уметник Иван Аивазовски, која е забранета да се прикажува јавно во Русија, од 1892 година до денес. Какво лицемерие!

Но, зошто е потребно американскиот народ да го спаси рускиот народ од глад? Затоа што руската влада во тоа време секоја година го удвојува извозот на пченица, која директно и насилно им ја одзема на селаните. А го правела ова за да финансира идна – успешна, како што царот напразно се надевал – војна со Јапонија.

Во исто време, Кремљ воопшто не е возбуден што милиони селани во меѓувреме умирале од глад. Во ова помагање од преку Пацификот имало и практична страна – изградена е железницата до Владивосток, со што било можно, преку океанот, товари со храна на бродовите да стигнуваат во далечноисточните пристаништа на Русија.

Јасно, во тоа време се поткрепува и интересот за антијапонска коалиција при што армијата на царот Александар Трети платила висока цена во губење на машкото население. Одново.

Русија светот глад

ДВА МАЛИ КОВЧЕЗИ Снимено во 1921 година: Русите носат два мали ковчези во регионот Волга, тешко погоден од жестокиот глад

Погрешна аграрна политика

Истата ситуација се повторила во раните 1920-ти, кога болшевичкиот режим воведе „воен комунизам“ и повторно го конфискуваше целото расположливо жито од селаните. Имало толку силна глад што не само Америка, туку и целиот свет испратил храна во Советска Русија. Се собирала, вели Дајнов помош и во бугарските села. Деценија и пол подоцна повторно почнала глад – овој пат поради одлуката на Сталин да го национализира земјоделството.

Советската влада долго време ја криеше катастрофата, но летото 1921 година мораше да побара помош од меѓународната заедница. На повикот се одзваа многу хуманитарни организации. Со нивна помош и родната 1922 година, беше запрен гладот ​​кој однесе животи на пет милиони луѓе.

Соочена со дефицит на земјоделски производи, владата го интензивирала барањето жито од населението и на тој начин само ја влоши ситуацијата. Наскоро, глад зафатила огромни територии на земјата каде што тогаш живееле над 90 милиони луѓе: од степите на Казахстан и Урал до регионот на Волгоград, јужна Украина и Крим.

Социологот Питирим Сорокин, кој ги посетил селата во провинциите Саратов и Самара во зимата 1921 година, напишал: „Куќите останаа напуштени, без покриви, со скршени прозорци и без врати“. Сламените покриви одамна се отстранети и изедени. Се разбира, во селото немало животни: ниту крави, ниту коњи, ниту овци, кози, кучиња, мачки, дури ни врани. Сè било изедено. На завеаните улици владееше мртва тишина“.

Населението почнало масовно да ги напушта своите домови. Луѓето го продадоа или го оставија целиот свој имот и бегаа каде и да ги однесат нозете, без никаков план. Канибализмот брзо се ширел во некои региони. Случајни минувачи биле труени и убивани на улица, мали деца се јаделе во семејствата (Russia Beyond).

И повторно, Американците се најголемите донатори на храна.

Русија светот глад

ЗАБРАНЕТА СЛИКА Ова е делото на Аивазовски за собирањето помош на Американцире во храна за Русија, која не смее да биде изложена во јавност!

После Сталиновата колективизација на селските имоти

Десет години подоцна, во земјата повторно владее глад. Болниот процес на конфискација на приватни имоти и создавање колективни фарми принуди милиони селани да избегаат од селата во градот. Надлежните не ја очекуваа претстојната криза и поставија нереални планови за земјоделското производство. Во центарот доаѓаа лажни информации за приноси.

Гладот кој обично се врзува, пред сѐ, за Украина, во периодот ​од 1932-1933 година зафатил големи територии на Украина, Кавказ, Казахстан, Белорусија, Западен Сибир и некои региони на европскиот дел на Русија. Ужасите доживеани во раните 20-ти се повторија. Според сведоштвата на жителите на Кубан, „никој не обрнувал внимание на загинатите, луѓето биле без сила и целосно рамнодушни“. Имало и канибализам. Децата почнаа да исчезнуваат.

„Татко ми отиде да бара леб и не се врати. Набрзо си замина и братот. Ниту го пречекавме. Останавме со мама и јас…“ – се сеќава Украинецот Алексеј Степаненко од Херсон: „Мајка ми, чувствувајќи дека се приближува нејзината смрт, ми рече: Кога ќе умрам, ќе те задушам и тебе, па ти не трпи умирајќи од глад. Вечерта тој ден, Господ ѝ ја зеде душата, а јас, седумгодишно момче, бев примен во селскиот дом за сираци“.

Во периодот 1930-1933 година починале меѓу 5,5 и 8,7 милиони луѓе во СССР. Фактот дека во 1932-1933, повеќе од половина и повеќе од нив биле Украинци, е причината голем број историчари да тврдат дека Гладоморот е дел од долгорочниот проект за „русификација“ и уништување на украинската нација. Во моментов, 34 земји во светот и ЕУ го признаваат Гладоморот како геноцид против украинскиот народ. Руските историчари, пак, се обидуваат да најдат оправдување дека политиката на комунистите не била насочена против некој поединечен народ, туку предизвикала катастрофални последици во многу региони на Советскиот Сојуз.

Русија светот глад

ДЕЦАТА ОД ПОВОЛОЖЈЕ Тие умирале први кога ќе снемало храната

По војна со оружје, војна за леб

Гладот ​​се повтори и по крајот на Втората светска војна. Овојпат, Американците испраќаат огромни количини лименки со хранливи содржини, останати од времето на војната.

Во ниту една фаза на општествените транзиции моќниците на Кремљ не направиле напори да ја развијат економијата на тој начин што ќе спречат драматичен глад. Секогаш во воздухот виси верувањето дека однадвор ќе дојдат свински „бутови“, додека самата влада ги насочува сите ресурси кон подготовка за војна, често и против самите производители на помошта во храна!

Гладот ​​од 1946-47 година бил директна последица на разорната Втора светска војна, како и сушата од 1946 година, која донесе ниски приноси. Сепак, несреќата можеше да се избегне, со оглед на тоа што СССР имаше големи резерви на жито, да не беше лошата одлука на властите да го зголемат обемот на извозот на жито, речиси двојно во однос на предвоениот период. Тогаш умреле од глад 1,5 милиони луѓе.

„Одевме по селата, молевме милостина, луѓето даваа многу малку, бидејќи на сите им беше тешко“, се сеќава Александра Лошкина, која тогаш живеела во Поволожје. „Откако се вратив дома со тоа малку што успеав да го испросам, мама лежеше на шпоретот со братот и сестрата, не мрдаат. Ја разбудив мајка ми, ѝ дадов парче леб, таа го изеде и стана. Заедно го запаливме шпоретот, ја сваривме чорбата, таа нѐ нахрани сите и ми вели: Снао, дај ми уште едно парче леб. Прв пат побара леб, а инаку ни даде сѐ. „Оживеавме’ дури кога се појави првото зеленило: трева, коприви, танзи, ајдучка трева, а потоа печурки и бобинки“.

И во1983 година, храната почна да исчезнува во СССР. Американците повторно доаѓаат на помош. По наредба на претседателот Реган – кого Русите веќе го прогласија за нивен најголем непријател – огромни количини американска пченица биле испратени во СССР. Испораки со замрзнат путер и месо, цистерни со вино, прашок за перење доаѓаат и од Европа.

КАНИБАЛИЗАМ Постојат многу сведоштва дека во време на гладот постоел канибализам

Што и да сториме, ќе нѐ храни непријателот!

И така, доаѓаме до почетокот на 1990-тите, кога Русија почнува да се храни со „бутовите на (претседателот) Буш“.

Изгледа како да очекуваат, што и да сторат, дека на крајот ќе се хранат со „бутовите на Бајден“. Во меѓувреме, секојдневно и веројатно секој час ги проколнуваат „Англосаксонците“ како нивни најлоши непријатели. Деновиве, констатира Дајнов, постои двојност на свеста кај Русите – во исто време ги мразат Американците, но постои и убедување дека кога ќе започне гладот, токму тие и ќе ги спасат. Провејува  тоа во последните неколку генерации москвичи.

КОГА ПАРИТЕ НЕ СТИГНУВААТ ЗА НИШТО Помош во храна во време на Горбачов, добиена од Западот

Ова, вели Дајнов, новинар на Дојче веле, стана особено видливо во првите недели од војната во Украина. Гледавме владини состаноци, разни „глави што зборуваат“ на руските телевизии, кои секојдневно, искрено огорчени повторуваа: Како Западот не се плаши од нас? Како се осмелуваат овие западњаци да не се плашат? Каде се кријат тие? За што размислуваат? Следеа закани за преземање на Берлин, фрлање атомски бомби врз Полска и што ти не.

Но, кога-тогаш, ќе ги чекаат „бутовите на Бајден“.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА. Текстот е личен став на Авторот.